Журче

        Журче се наоѓа во североисточниот дел на територијата на Општина Демир Хисар, чиј атар нашироко се допира со територијата на Општина Крушево. Селото е ридско на надморска височина од 700 метри.

        Од Општинскиот центар Журче е оддалечено 10км. Атарот е голем и зафаќа простор од 22,6 км2. Селото има полјоделско-шумарска функција.

        Во Журче се наоѓа и Основно училиште „Гоце Делчев“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Гоце Делчев“ - Демир Хисар, а има и споменик од НОБ.

        Во 1961 години бројот на жители изнесувал 704. Во 1994 година, бројот се намалил на 285. Според пописот од 2002 година, населението на Журче повторно се намалило и тоа брои 255 жители. Денес во селото има околу 200 постојани жители.

Цркви и Манастири

Пресвета Богородица

Св. Илија

Манастир Св. Атанас

        Манастирскиот комплекс и црквата Свети Атанасиј (наречена и Свети Атанасиј Александриски) се наоѓаат во североисточниот дел на територијата на Општината Демир Хисар, 3 км над селото Журче. Селото е лоцирано веднаш на десната страна од регионалниот пат Демир Хисар - Крушево. До Манастирот води асфалтен пат. 

        Првата манастирска црква била подигната во 1122 година, што се споменува во генеалошкиот труд „Журче - деветстотони години словенска населба“ од Борис Дамевски, а било потврдено во 1935 година кога манастирскиот старешина во Белград вадел тапија за шумата што му припаѓала на манастирот.

        Основни податоци за историјата на манастирската црква се дознаваат и од двата сочувани натписа. Првиот е испишан над влезната врата и од него се дознава дека денешната црква била подигната во 1617 година во време на игуменот и jеромонах Јосиф, а како ктитор се споменува Петко Велов од Битола. Од натписот се дознава и дека зографисувањето на црквата започнало во мај и завршило во август 1617 година. Вториот натпис е мошне опширен и испишан во отворениот трем околу калотата. Од него се дознава дека тремот е обновен и зографисан во 1622 година, благодарение на залагањето на игуменот и jеромонах Венетик, како и на православните христијани.

        Црквата претставува еднокорабна градба со правоаголна основа, со петоаголна апсида во нејзиниот заден дел свртен кон исток. Градбата е полуобличесто засводена и единствениот влез се наоѓа од предната страна свртена кон запад

        Во црквата се наоѓа икона на Атанасиј Велики изработена во 1802 година. Познато е дека иконата трипати била враќана во црквата. Во минатото се вели дека во манастирот се наоѓала и раката на Атанасиј Велики. Во внатрешноста на црквата се сочувани и позлатени царски двери, кои се изработени од плитка резба со стилизирани мотиви.

        Освен по отворениот трем во нејзиниот преден дел, црквата е позната по богатиот фрескоживопис. Во неа се насликани Богородица со Исус Христос, бројни светци, празници, а во тремот се среќаваат и илустрации на месеците од календарот.

        Конаците најверојатно биле изградени во првите декади на XIX век. Во тоа време, во нив работела библиотека којашто на свештениците им служела за пишување, преведување и создавање на богослужбени дела. Библиотеката истовремено се користела и како училиште, каде што се школувале ученици од селото Журче и околните села. Од библиотеката е сочуван мал број на ракописи и книги, меѓу кои најстарите се „Апостолски читанија“ издадена во Царигад во 1870 година и „Минеј за месец октомври“ издадена во Киев во 1891 година.