Света
Света e село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар. Се наоѓа на левиот брег на Црна Река, под ридовите Пејчин Рид, Црни Камен, Орлоец, Горно Уво, Долно Уво и Горна Чука. Оддалечено е 10 километри источно од градот Демир Хисар. Селото има рамничарска местоположба, на надморска височина од 710 метри. Атарот на селото зафаќа простор од 13,7км².
Жители на Света се доселиле на денешната местоположба, откако го напуштиле старото село Метимирци, кое било напуштено поради осојот, но и поради „Зли камен“, каде постарите раскажувале дека имало илјадници змии.
Света за првпат се споменува во турските пописни дефтери од 1468 година. Семејствата секогаш биле многубројни, со околу 20 до 30 члена. Христијаните не сакале да ја кажуваат точната бројка заради заштита од данокот во крв.
Од Света имало многу ајдуци и комити кои учествувале во борбите за слобода од отоманското ропство. Во Првата светска војна зеле учество и селани од Света, едни од една, други од друга страна. Меѓу двете светски војни свеќани не се презивале со српски презимиња, иако биле принудувани од власта. Селаните од Света активно учествувале и во НОБ, за што е изграден споменик на паднатите борци.
Во мај, 2012 година, во Света се снимаше најновиот филм на Столе Попов „До балчак“. За потребите на филмскиот сет комплетно беа изградени железничка станица и контролен пункт на Отоманската империја.
Во селото се наоѓаат и археолошки локалитети - Стари Гробишта — црква и некропола од средниот век и Широка Леска — населба и некропола од средниот век. Стари Гробишта или Црквиште е археолошки локалитет. Локалитетот претставува црква и некропола од средниот век. Се наоѓа на околу 200 м југозападно од селото, каде во 1970 година е изградена новата црква „Св. Петка“. Таа е подигната врз стари темели, кои се видливи, што ѝ припаѓале на некогашната црква Св. Пантелејмон. Околу црквата се откриени гробови градени од камени плочи, со ориентација исток-запад.
Во селото се наоѓа Основно училиште „Гоце Делчев“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Гоце Делчев“ - Демир Хисар.
Во 1900 година селото броеше 325 жители a во 1953 година 608. Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 332 a dенес има околу 260 постојани жители.