Вирово

        Населбата се наоѓа во југозападниот дел на територијата на Општина Демир Хисар, чиј атар се издига до сртот на Плакенска Планина. Селото е ридско, на надморска височина од 840 м. Од општинското средиште градот Демир Хисар, селото е оддалечено 18 километри. Атарот зафаќа простор од 17,5 км².

        Вирово е занаетчиско село во кое селаните се занимавале со валајчарство како главно занимање. (Со занаетот во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век доживува подем и постанува едно од најбогатите села во Демир Хисар. Најзнаменит дел од Вирово се валавиците (за валање на рачно ткаено платно - сајак) и вировите (за валање на веленца - јамболии). Нив ги имало осумдесетина, а денес останата е една валавица т.е. валавицата на познатата валајчарска фамилија на Велјан Штрковски.

        Валавиците потекнуваат уште од античко време

        Исто така, во селото се забележува и постоење на ќумурџилница, т.н. „рупи“ за создавање на ќумур.

        Првото училиште се споменува дека било создадено уште во 1873 година.

        Многу интересен е фактот поврзан со ова село за време на Илинденското востание. Пред 2ри август четите се собрале во Вировската рудина кај чешмата Еврејка и од таму се упатиле за Смилево кога и го ослободиле. Во Вирово тогаш биле изработени неколку црешови топчиња кои биле употребени за време на востанието. Во Вирово била и работилницата - леарница за изработка на бомби и куршуми.

        Во Вирово, како и во повеќето околни села поради емиграцијата на населението бројот на жители е драстично намален. Така, во 1953 година селото броело 630 жител, во 1994 година 217, во 2002 имало 151 а денес околу 40-50 постојани жители.

Цркви и Манастири

Св. Никола

Св. Петка