Слепче
Слепче — село во Општина Демир Хисар, десно од патот Кичево - Демир Хисар, лежи на 680 метри надморска височина. Сместено е во источните падини на Илиница, на 2 км северно од општинскиот центар Демир Хисар. Населбата е опкружена со дабови шуми, недопрена природа и бистри води. Пријатната клима и чистиот воздух се вистински можности за одмор од градскиот метеж.
Земјиштето на Слепче е 24,5 км², од кои шумите заземаат површина од 1737 ха или поголемиот дел од земјиштето, обработлива површина заземаат 365 ха, а пасиштата 367 ха.
Во селото се наоѓа Основно училиште „Гоце Делчев“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Гоце Делчев“ - Демир Хисар.
Според легендата селото Слепче настанало од самоиловите ослепени војници, по беласичката битка, иако постојат археолошки наоди уште од римскиот период. Слепче дало големи и значајни личности за историјата на македонскиот народ.
Селото има дом на културата и споменик на загинатите за слободата на Македонија. Над селото се наоѓа еден од најголемите средновековни книжевно-уметнички центри - Слепчанскиот манастир посветен на Свети Јован Претеча.
Во 1961 година Слепче броело 1099 жители кои во 1994 се намалуваат на 791, а според пописот од 2002 година селото има 719 жители. Слепче денес брои помалку од 700 постојани жители. Тука ќе сретнете прекрасни куќи со уредени дворови вклопени во склад со природата.
Цркви и Манастири
Св. Никола
Манастир Св. Јован Крстител
Манастирот Слепче со црквата посветена на Св. Јован Претеча се наоѓа на околу 3 километри западно над селото Слепче. Завиткан во столетна дабова шума, „Св. Јован Претеча“ е еден од најголемите и добро сочувани манастирски комплекси. Манастирскиот комплекс со црквата се подигнати на падините на планината„ Илиница“ („Бигла Планина“).
Подигнат е во 1393 година. Овој податок е според најстариот пишан документ кога во манастирот е препишан еден триод на словенски јазик. Но, првпат конкретно манастирот се споменува во 1543 година, во едно писмо на протопопот Лука.
Во некои извори се спомнува дека манастирот е изграден во 1010 година, односно пред познатата битка помеѓу македонскиот цар Самоил и грчкиот цар Василиј II, што се одиграла на Беласица во 1040 година и завршила со трагичното ослепување на самоиловите војници. Ослепената војска, по битката, се задржала во месноста на денешното село Слепче, кое, според овој историски настан, го добило и своето име.
Манастирот бил културно - просветен центар каде што се подготвувале свештеници и учители на словено - македонски јазик. Историјата го памети манастирот и како центар во кој постоела уметничка резбарска школа. Од сочуваните стари уметнички предмети, со својата вредност посебно се важни “Големиот крст со распнатиот Христос” од XVI век, “Царските двери” и певниците изработени во копаница.
Манастирот располага со голем земјишен фонд и развиена манастирска економија. Неговото природно опкружување е богато со манастирска дабова и букова шума и разновидни ендемични растителни видови, како со и ливади кои нудат одлични услови за рекреација, пешачење во природа, лов, собирање на шумски плодови и планинарење.
Св. Јован Боголсов
На околу 200 метри над Слепчанскиот манастир, во 1617 година била подигната црква посветена на Свети Јован Богослов, денес меѓу народот позната како црква „Св. Никола“.
Таа претставува еднокорабна градба со скромни димензии и живопис, настанат десет години по нејзиното градење, односно во 1627 година. Зографот е непознат, но се претпоставува дека бил еден од монасите од слепченскиот манастир кои се занимавале со иконопис и живопис. Во внатрешноста на црквата се забележува дрвен иконопис на кој е поставен големиот крст со претстава на распнат Исус Христос, крст за кој науката претпоставува дека потекнува од XVI век.
По својата уметничка вредност, од оваа црква можат да се издвојат насликаните композиции „Деизис“ „Успение Богородично“, „Свети Лука го слика ликот на света Богородица со Христа“, како и иконата од 1627 година на која е претставена Св. Богородица Троерачица.
Манастир Св. Богородица - Добромирово
Манастирската црква посветена на Пресвета Богородица Балаклија - Добромирово претставува македонски православен манастир во демирхисарското село Слепче. Манастирот е сместен во источните падини на Илиница, огранок на Бигла на само 3 km од познатиот Слепченски манастир. Манастирот е возобновен во средината на 20 век. До него води тампониран пат.
Според легендите, манастирот „Добромирово“ е поврзан со војсководецот Добромир на Самоиловата војска. Во неговите конаци низ вековите свој одмор наоѓале и македонските самостојни владетели Добромир Хрс и Добромир Стрез. По нивното име манастирот го добило името „Добромирово“. Слава на манастирот е Велики Петок, по Велигден и Илинден. Во непосредна близина на манастирскиот двор се подигнати нови конаци. Во нив можат да се одморат, преспијат и да останат неколку дена љубителите на природните убавини и чистиот планински воздух.
Денешната манастирска црква е изградена на помал дел од старите темели во 1970 година. Според археолошките наоѓалишта тука постоела црква од средниот век. Мананстирот располага со два конака.