Магарево
Населбата се наоѓа на западната страна на територијата на Општина Битола, чиј атар се издига дури до сртот на планината Пелистер. Од Битола е оддалечена 12 км. Селото е планинско на 1 060 м надморска височина.
За името на селото има легенда која зборува дека пред многу години, некојси жител со своето Магаре во кошеви носел разни трња, меѓутоа кошевите се превртиле и се истркалале и местото каде останало Магарето го завикал Магарево, а местото каде се истркалале кошевите со трња го завикале Трново.
Интересен е фактот дека оваа населба, во 1900г. имала 2400 жители, значи била голема населба и заедно со соседното Трново наликувале на град (со 5000 жители) во кој имало повеќе дуќани, имало пазарен ден и неколку текстилни манифактурни работилници. Населбата била населена со Власи и мал број на Македонци. За време на првата светска војна, наслението од двете села (Магарево и Трново) биле иселени, а голем број од куќите биле разрушени од бомбардирањето.
Во втората светска војна Магарево е зафатено со интензивен процес на иселување во Битола и во други градови на поранешна Југославија како и во странство. (300 жители). Така, Магарево од голема преминува во мала населба, којашто во 1961г. имала 159 жители, а во 2002г – 87 жители.
Храмот е посветен на Св. Димитриј, изграден 1834г. Во Магарево има прекрасен манастир посветен на Св. Ѓорѓи со стар датум на изградба. Слави на селото се Ѓуѓровден и Митровден.
Во последните години во селото започнува и развој на селски туризам.